Редмонд и Маринер со европски млади музичари во Камерната сала на Филхармонија
- Детали
- Категорија: Култура
- Создадено: 13 Февруари 2026
По успешниот почеток на февруарската концертна серија, Институтот FAME’S на 17 февруари ќе ја одржи втората концертна вечер во Камерната сала на Македонска филхармонија. Проектот „Пронаоѓање на ритамот“ претставува завршница на интензивна едукативна програма во која учествуваат 30 селектирани млади музичари од повеќе европски земји, насочена кон истражување на ритамот како суштински елемент на музичката комуникација.
Во рамки на повеќедневната работа, учесниците соработуваат со британскиот диригент Тимоти Редмонд и џез тапанарот од Њујорк Даглас Маринер, развивајќи пристап што ги спојува дисциплината на класичната музика и слободата на џез импровизацијата. Фокусот е ставен на заедничката интеракција, ритмичката флексибилност и создавањето нов модел на оркестарско музицирање.
Концертната програма нуди звучно патување низ различни ритмички структури, инспирирани од џезот, блузот и урбаните музички изрази на 20 век. Наместо жанровски граници, публиката ќе има можност да проследи интеграција на традициите преку заедничкиот импулс на ритамот, како универзален јазик што ги поврзува различните музички изрази.
Од Институтот FAME’S посочуваат дека со овој проект продолжуваат да градат современ пристап кон оркестарската едукација, овозможувајќи им на младите музичари директна соработка со меѓународно реномирани уметници и сценско искуство пред публика. Билетите за концертот се достапни преку продажната мрежа на MK Tickets.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


















