Скопје блесна во сјајот на лицата со попреченост
- Детали
- Категорија: Култура
- Создадено: 14 Февруари 2026
Третата матурска забава „Night to Shine” за лица со попречености во организација на скопската евангелска црква Соулкрафт, синоќа обедини над 250 поединци на едно место, на вистински свечен настан кој испрати порака дека секој човек заслужува да биде виден, прославен и прифатен.
Во духот на оваа вредност, учесниците уживаа третман на неприкосновени ѕвезди: црвен тепих, многу музика и танц, програма прилагодена за сите и тим волонтери кој придружува и помага на секој гостин.
Под водство на пасторот и теолог Никола Галевски и тимот од повеќе организации во хотелот „Мериот“ во Скопје се создаде простор каде што различноста се доживува како вредност, а не како пречка. „Црвениот тепих на ’Night to Shine’ беше распослан за да Ве инспирира да ги погледнеме во очи луѓето крај кои секојдневно минуваме можеби со наведната глава или со поглед вперен во телефонот. Ова е чин на раѓање на искрено разбирање на различноста како на раскошна полифонија на автентичноста”, истакна Галевски.
Иницијативата е повик до целата заедница дека попреченоста не е слабост, туку е дел од човечкото искуство. Само кога заедницата се грижи за сите свои членови, таа ја покажува својата вистинска сила и карактер. Соулкрафт и „Night to Shine” не понудија милосрдие – туку го вратија она што му припаѓа на секој човек: правото да биде прифатен и прославен како еднаков.
„Во вртлогот на современиот живот, едно од најитните и најредовните прашања е што навистина правиш за другиот. Оваа вечер не ја организиравме за да се чувствуваме ние како ’добри луѓе’, оваа вечер се случи за да ја споделиме најголемата среќа во животот - тоа е уверувањето дека сме сакани поради тоа што сме. Ние не им подаривме ништо ново, само им го вративме она што им припаѓа – сувереното право на целосно прифаќање”, заклучува Галевски.
Оваа вечер беше можност да се сподели радоста што доаѓа од тоа да се знае дека си сакан и прифатен токму таков каков што си, без разлика на етникумот, религиската припадност или попреченостите кои подобро е да ги перципираме како “посебни капацитети”, отколку како посебни потреби.„Night to Shine“ е иновација на Фондацијата „Тим Тибоу“ (Tim Tebow Foundation) за радикална инклузија, која ги урива традиционалните бариери на социјална невидливост на лицата со попреченост. Тибоу, поранешен професионален спортист (американски фудбал), е основач на фондацијата и иницијатор на оваа глобална мрежа на прослави за луѓето со попреченост. Проектот од скромен почеток прераснува во светски феномен кој низ годините ги обединува црквите - домаќини, волонтерите и семејствата во едно со цел да им се врати достоинството и радоста на оние кои често остануваат невидливи.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


















