По пауза од речиси две децении, Јован Јованов ја објави „Не ти стои“, својата прва соло песна по 17 години. Новиот сингл доаѓа како логично продолжение на неговото неодамнешно враќање на музичката сцена и најава за претстојниот голем концерт во Скопје.
Пред оваа премиера, Јованов ја освежи својата култна „Магија“ со ремикс во соработка со Пајак, а потоа го сними и дуетот „Адреналин“ со Елвир Мекиќ. Со „Не ти стои“ тој целосно застанува зад проектот како автор на музиката, текстот и аранжманот.
Пејачот изрази задоволство што повторно создава музика и се надева дека новата песна ќе ја прифатат и оние што израснале со неговите хитови, но и помладата публика која допрва ја открива неговата работа. Убеден е дека публиката заедно ќе ја пее на концертот во јуни.
Во изминатиот период Јованов интензивно се подготвува за настапот што заедно со Мекиќ ќе го одржи на 6 јуни во арената Борис Трајковски во Скопје, настан кој се најавува како едно од поголемите музички случувања ова лето.




















