Трамп го доведе во прашање трговскиот договор со Канада поради признавањето палестинска држава
- Детали
- Категорија: Свет
- Создадено: 31 Јули 2025
Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека подготвеноста на Канада да ја признае палестинската држава може да ги загрози трговските преговори.
„Канада штотуку објави дека поддржува државност за Палестина … Тоа многу ќе ни го отежни склучувањето трговски договор со нив“, напиша Трамп на неговата платформа Трут Соушл.
Канадскиот премиер Марк Карни вчера изјави дека Канада ќе ја признае „Државата Палестина“ на Генералното собрание на Обединетите нации во септември, доколку се исполнат одредени услови.
Карни на прес-конференција рече дека овој потег е условен од фундаментална реформа на владеењето на Палестинската управа со седиште на Западниот Брег, предводена од Махмуд Абас, одржување избори до 2026 година и „демилитаризација на палестинската држава“.
Палестинската милитантна организација Хамас „не смее да игра никаква улога во идното владеење на Палестина“, рече Карни и „мора веднаш да ги ослободи сите заложници“ од терористичкиот напад на 7 октомври 2023 година, кој го предизвика конфликтот во Газа.
САД остануваат најважен трговски партнер на Канада. Од преземањето на функцијата за втор мандат во јануари, Трамп воведе низа царини и се закани со дополнителни кон Канада, обвинувајќи ја Отава дека не го спречува приливот на фентанил во САД.
Тој ги прекина трговските преговори на крајот на јуни поради несогласувања околу канадската даночна политика што ги погоди американските бизниси. Иако неодамна стана покритичен кон однесувањето на Израел во Газа, изразувајќи шок од фотографиите на неухранети палестински деца, Трамп изјави дека „не е во тој табор“ кога станува збор за признавање на палестинска држава.
Во друга објава на Трут Соушл, американскиот претседател напиша: „Најбрзиот начин да се стави крај на хуманитарната криза во Газа е Хамас да се предаде и да ги ослободи заложниците“
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс












