Скопје инвестира во јавната чистота: набавка на над 40 нови возила за Комунална хигиена
- Детали
- Категорија: Град Скопје
- Создадено: 29 Јануари 2026
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска информираше за почетокот на најобемната инвестиција во јавната чистота во последните десет години, со отворање на постапката за набавка на повеќе од 40 нови, современи и специјализирани возила за ЈП „Комунална хигиена“.
Како што посочи Ѓорѓиевски, со оваа инвестиција градот прави значаен исчекор кон системско и долгорочно решавање на проблемите со одржувањето на хигиената, со цел поефикасно собирање на отпадот и подобрување на условите во сите скопски населби. Новите возила треба да придонесат за поголема организација, редовност и достоинство во работењето на јавното претпријатие.
Проектот се реализира преку соработка со Министерството за транспорт и Светската банка, а дополнително ќе биде поддржан и со сопствени средства од буџетот на Град Скопје. Паралелно со тендерската постапка, Советот на Град Скопје треба да ја усвои програмата за Комунална хигиена, со која се предвидува набавка на уште над десет камиони финансирани директно од градот.
Градоначалникот нагласи дека ова претставува најголема инвестиција во јавната чистота во изминатата деценија, посочувајќи дека во минатото, за период од осум години, биле набавени само четири возила. Според него, набавката нема да заврши со оваа фаза, туку процесот ќе продолжи и во наредниот период.
Со новата механизација, како што беше истакнато, Скопје ќе располага со доволен број возила за навремено и ефикасно покривање на сите населби и улици, со што проблемот со отпадот, кој со години ги засегаше граѓаните, треба трајно да се надмине. Од градската администрација порачуваат дека чистиот град е предуслов за здраво и квалитетно секојдневие на скопјани.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


















