Градоначалникот на Скопје и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, денес ја предводеше втората седница на Управниот одбор на Заедницата на единиците на локалната самоуправа во новиот состав. На седницата беа разгледани и усвоени повеќе клучни точки за јакнење на локалната самоуправа и унапредување на јавната администрација во земјата.
Посебен акцент беше ставен на деполитизацијата на работата на Управниот одбор, зајакнувањето на институционалните капацитети на општините и воведувањето поефикасни и потранспарентни системи за управување. Градоначалникот го истакна значењето на воведувањето современи дигитални решенија за управување со човечки ресурси, како и приоритетот за воспоставување комунална полиција преку законски измени за поголем ред и дисциплина на локално ниво.
На седницата присуствуваше и министерот за јавна администрација, Горан Минчев, кој презентираше надградениот софтвер за управување со човечки ресурси. Системот ќе обезбеди централизирано собирање и управување со податоците за сите вработени во јавната администрација, со што се очекува поефикасна, потранспарентна и одговорна работа на институциите.
Ѓорѓиевски нагласи дека Управниот одбор на ЗЕЛС ќе продолжи да функционира без влијание на политиката, со единствена цел да настапува обединето по клучните прашања и да го зајакне влијанието на општините во интерес на граѓаните. Како главни приоритети беа посочени дигитализацијата на јавната администрација и воспоставувањето на комунална полиција, како дел од заложбата за ред, дисциплина и поефикасно локално управување.




















