Една година во СЕПА: Над 5 милиони евра заштеди за граѓаните и компаниите

Македонија одбележува една година од оперативното приклучување кон Единствената област за плаќање во евра – СЕПА, а според Народната банка, граѓаните и компаниите досега заштедиле над 5 милиони евра.

Заклучно со септември 2026 година, преку СЕПА се реализирани повеќе од 581 илјада трансакции, со вкупна вредност од околу 11 милијарди евра. Надоместоците за прекуграничните плаќања се намалени до шестпати за граѓаните и до деветпати за компаниите во споредба со кореспондентното банкарство.

СЕПА веќе е водечки канал за прекугранични плаќања во евра, со учество од околу 69 отсто од вкупниот број трансакции. Кај одливите учеството е 67 отсто, а кај приливите 70 отсто.

Од Народната банка посочуваат дека СЕПА значително ги олеснува плаќањата кон и од странство и придонесува кон дигитализација на платниот промет. Кај физичките лица, преку СЕПА се реализираат 70 отсто од електронските трансакции за прилив и 80 отсто за одлив.

Кај компаниите, СЕПА учествува со 70 отсто во електронските трансакции за прилив и со 65 отсто во трансакциите за одлив.

Од Народната банка очекуваат заштедите да продолжат да растат со зголемувањето на користењето на СЕПА, што треба да придонесе за поефикасни и подостапни плаќања за граѓаните и бизнисите.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM НЕТ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.