Министерот Серафимовски најави почеток на доделувањето картички за зелена нафта и исплата на субвенциите за јаболка

На денешната прес-конференција во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, одржана заедно со директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Ивица Ангеловски, министерот Борче Серафимовски најави дека во текот на оваа недела започнува доделувањето на првите картички за зелена нафта.

 

За оваа мерка, чија цел е намалување на трошоците за гориво пред есенската обработка на нивите, обезбедени се 584 милиони денари, што претставува зголемување на поддршката за 12,3 отсто.

 

Министерот информираше и за други актуелни мерки во агросекторот, нагласувајќи дека се подготвени налозите за исплата на околу 150 милиони денари финансиска поддршка за производителите на јаболка од бербата во 2024 година.

 

Во однос на тековниот откуп, Серафимовски посочи дека завршува откупот на винското грозје со вкупно околу 93 милиони килограми набрано и преработено грозје, а во финална фаза се и административните процедури за кредитна линија преку Развојната банка за зголемување на ликвидноста на винариите.

 

Исто така, беше соопштено дека просечната откупна цена на црвената пиперка (куртовска капија) во прилепскиот регион е зголемена на 25 денари за килограм, додека вкупниот откуп во двата најголеми региони достигна 44 милиони килограми.

 

На прес-конференцијата беа презентирани и измените на Правилникот за квалитет на млекото, со кои се ограничува употребата на млеко во прав и палмино масло на 1 до 2 отсто, како и новиот Предлог-закон за уредување на пазарите со земјоделски производи кој е ставен на јавна расправа.

 

Директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Ивица Ангеловски, извести дека заклучно со 15 септември се извршени 873 вонредни инспекциски надзори, при што за утврдените неправилности – како откуп без договори и доцнење на исплатите – изречени се 30 инспекциски мерки и 17 платни налози.

 

Фото: https://vlada.mk/





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM НЕТ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.