Филипче: Посетата на Фон дер Лајен ги разобличи лагите на Мицкоски за идентитетот, власта води лоша економија и води кон нови задолжувања

Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција истакна дека посетата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, целосно ги разобличила долгогодишните лаги на премиерот Христијан Мицкоски за наводно загрозениот македонски идентитет и јазик.

 

Според Филипче, пораките од Брисел потврдиле дека македонскиот идентитет е зачуван и заштитен, со што паднале во вода сите политички манипулации на актуелната власт со кои државата се држи во изолација.

 

Филипче потсети дека Мицкоски со години го критикувал Преспанскиот договор и го плашел народот, за откако ќе дојде на власт да го нарече „ремек-дело на дипломатијата“, додека договорот Фронтекс ја потврдил употребата на чистиот македонски јазик.

 

Во тој контекст, лидерот на опозицијата порача дека вистински предавници на националните интереси се оние кои ја оставаат државата на слеп колосек и предизвикуваат иселување на младите поради сопствената неспособност и страв од европското обвинителство.

 

Осврнувајќи се на економските прашања и најавениот ребаланс на Буџетот, Филипче ги отфрли тврдењата на премиерот дека финансиската дупка е последица на намалувањето на ДДВ-то и акцизите за горивата.

 

Тој го спореди владеењето на Мицкоски со манирите на барон Минхаузен, нагласувајќи дека вистинските причини за недостатокот од една милијарда евра во државната каса лежат во лошото планирање, слабата наплата и изостанувањето на капиталните инвестиции, што според него ќе резултира само со нови скапи задолжувања за граѓаните.

 

На новинарските прашања во врска со актуелните политички процеси, Филипче порача дека СДСМ нема да му биде алиби на премиерот за предвремени избори, потсетувајќи дека владејачкото мнозинство има двотретинско мнозинство во Собранието и може самостојно да ги распише кога ќе посака.

 

Исто така, тој ја квалификуваше Левица како руско-кинеска партија која одработува за туѓи интереси, додавајќи дека СДСМ останува единствената вистинска опозиција во државата.

 

 

Фото и видео: СДСМ





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM НЕТ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.