Јаневска на панелот на Светската банка: Реформите во образованието се клучни за пазарот на трудот, инвестирани 70 милиони евра за две години

Министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска, учествуваше на панел-дискусијата посветена на новиот Извештај на Светската банка – „Македонија: Излез од стапицата на среден доход“, кој беше презентиран во присуство на владини претставници, како и членови на академската и бизнис заедницата.

 

Одговарајќи на прашања поврзани со олеснувањето на преминот од образование кон вработување, Јаневска нагласи дека се преземаат итни и длабоки реформи од основното до високото образование за да се отстранат системските слабости и да се спречи губењето на човечкиот потенцијал.

 

Министерката истакна дека во изминатите две години Владата има инвестирано 70 милиони евра во унапредување на образовната инфраструктура, набавка на нови програми и учебници, како и зголемување на мотивацијата на наставниот кадар преку повисоки плати.

 

Како најуспешен пример за поврзување со бизнис-секторот го издвои дуалното образование, кое се реализира во соработка со меѓународни партнери и кое овозможува скоро стопроцентно вработување на младите кадри кај работодавачите.

 

Воедно, таа потсети дека во собраниска процедура е новиот Предлог-закон за високото образование, со кој се воведуваат нови форми на стручни студии со цел силно зајакнување на врската меѓу образовниот систем и реалниот пазар на трудот.

 

На панелот, покрај министерката, се обратија и министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, заменикот амбасадор на ЕУ, Бен Нупнау, и претставникот на стопанството Виктор Мизо.

 

Фото: https://mon.gov.mk/





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM НЕТ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.