Клековски на тркалезната маса на Холандската стопанска комора: Фокус на одржливо здравство
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 06 Октомври 2026
Министерот за здравство Сашо Клековски денеска се обрати со воведно излагање на извршната тркалезна маса насловена „Градење одржлив, достапен здравствен систем ориентиран кон пациентите“, во организација на Холандската стопанска комора во Македонија.
На настанот учествуваа реномирани креатори на политики, клинички експерти, меѓународни чинители и претставници на здравствената индустрија, а по воведот на министерот, присутните ги поздрави и извршниот директор на Комората, Боб Смит.
Дискусиите беа структурирани во три клучни сесии посветени на трансформацијата на здравствените патеки и хроничните заболувања, здравствената еднаквост, регионалните разлики и дигиталното поврзување, како и на одржливото финансирање и модернизацијата на инфраструктурата.
Министерот Клековски нагласи дека секое вложување во опрема, објекти и дигитализација се мери низ призмата на пациентот – дали се скратува патот до дијагнозата и дали се обезбедува подеднаква грижа за сите граѓани.
„Не е важно само колку инвестираме, туку колку ефикасно инвестираме – со јасни приоритети, подобра искористеност на постојните капацитети и партнерства што носат вистинска вредност за јавното здравство“, порача Клековски.
Фото: https://vlada.mk/
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс













