Николоски: Интензивна градба на пет автопати и железници, во подготовка нови патни правци кон Бугарија
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 07 Октомври 2026
Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, во интервју за „Радио Лидер“ истакна дека Владата посветено работи на развојот на патната и железничката инфраструктура, што носи огромна политичка стабилност и значаен економски бенефит.
Тој нагласи дека во моментов активно се работи на пет автопати, додека за многу кратко време се очекува почеток на изградбата и на шестиот автопат, при што со силна динамика се одвиваат градежните работи на делниците Тетово–Гостивар, Гостивар–Букојчани и Прилеп–Битола.
Вицепремиерот потсети на веќе реализираните капитални проекти, меѓу кои пуштањето во употреба на 30 километри експресен пат од Страцин до Крива Паланка, 26 километри на делниците од Градско до Фариш, како и 34 километри на автопатот Охрид–Кичево, за кој најави скорешно пуштање на нови километри и завршување на целиот проект во предвидениот рок.
Исто така, Николоски најави дека следната година се очекува пуштање на најмалку 12 километри автопат на потегот Битола–Прилеп, а информираше и за завршените 34 километри нова пруга од Куманово до Бељаковце и реконструираните над 25 километри пруга на релацијата Зелениково–Драчево за потребите на градскиот воз.
Во однос на идните планови, тој истакна дека се работи на проектирање нови експресни патишта од Кочани до бугарската граница и од Радовиш преку Струмица и Ново Село до границата со Бугарија, со што сите правци кон источниот сосед ќе бидат издигнати на ниво на автопат или експресен пат.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс



















