Модерни услови за спорт и физичко образование: ОУ „Панајот Гиновски“ во Бутел меѓу 30-те училишта опфатени со капиталниот проект за рехабилитација на спортска инфраструктура
- Детали
- Категорија: Бутел
- Создадено: 16 Септември 2026
Основното училиште „Панајот Гиновски“ во општина Бутел е една од триесетте образовни установи во државата кои добија врвни услови за наставата по физичко и здравствено образование и спортски тренинги, преку проектот за рехабилитација на спортски објекти и набавка на опрема.
Резултатите од оваа значајна иницијатива беа официјално претставени на завршниот настанот насловен „УЧИ, ИГРАЈ, РАСТИ“, на кој присуствуваа министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска, евроамбасадорот Михалис Рокас, амбасадорите на Италија, Шпанија и Франција - Паоло Палминтери, Рафаел Сориано Ортиз и Кристоф Ле Риголер, како и вицегувернерот на Банката за развој на Советот на Европа, Томас Бочек.
На настанот присуствуваа и домаќините, градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски, и директорката на училиштето, Благородна Сотиров, кои изразија голема благодарност за успешната реализација на инфраструктурните зафати.
Обраќајќи им се на присутните, министерката Јаневска нагласи дека образованието е врвен приоритет и еден од темелите на општествениот развој, при што училишната средина мора да биде безбедно и стимулативно место каде секое дете ќе го достигне својот целосен потенцијал.
Таа истакна дека покрај овој проект кој се реализира со кофинансирање од Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF) и Развојната банка на Советот на Европа (CEB) во вредност од околу 3 милиони евра, во изминатите две години Владата има реализирано или започнато уште 90 проекти за подобрување на образовната инфраструктура низ бројни општини ширум земјата.
Меѓународните претставници изразија задоволство од постигнатите резултати и упатија порака дека инвестициите во образованието, а особено во спортската и училишната инфраструктура, мора да продолжат со несмалено темпо.
Проектот кој започна во 2024 година продолжува со цел да се обезбедат достоинствени, квалитетни и современи услови за физички развој и раст на учениците во секоја локална заедница во државата.
Фото извор: МОН
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс













