Моќна презентација на македонскиот филм во Албанија: Со остварувањето „Мајка“ на Теона Стругар Митевска започнува Интернационалниот филмски фестивал во Тирана
- Детали
- Категорија: Култура
- Создадено: 21 Септември 2026
Со свечената проекција на филмот „Мајка“ во режија на Теона Стругар Митевска, вечерва (21 септември) во Тирана започнува Интернационалниот филмски фестивал, каде што македонската кинематографија годинава добива исклучително значајно место преку специјална програма со пет филмски остварувања.
Специјалната програма насловена „Фокус на современиот македонски филм“ е иницирана и реализирана од Македонскиот културен центар во Тирана, под раководство и координација на директорката Ема Попивода, во соработка со реномираниот фестивал.
Директорката Попивода ја истакна важноста на овој настап, нагласувајќи дека присуството на пет македонски филмови, два стручни мастер-класа и македонски претставник во жирито претставува силна промоција на националното творештво и отвора нови патишта за меѓународна културна соработка.
Покрај отворањето со „Мајка“, фестивалската публика ќе има можност да ги проследи и филмовите на истакнатите автори Милчо Манчевски, Митко К. Панов, Ханис Багашов, како и заедничкото остварување на Ибер Деари и Мирсад Абази.
Програмата е збогатена со два мастер-класа што ќе ги одржат Теона и Лабина Митевски, нудејќи директен увид во фазите на создавање, развој и продукција на едно филмско дело, додека македонскиот продуцент Јане Ќортошев ќе ја врши функцијата член на жирито на фестивалот.
Реализацијата на оваа значајна македонска филмска презентација и придружните настани е овозможена со поддршка од Македонскиот културен центар во Тирана и Министерството за култура и туризам на Македонија.
Фото извор: https://kultura.gov.mk/
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс













