Министерот Седат Сулејмани во официјална работна посета на Република Турција
- Детали
- Категорија: Култура
- Создадено: 23 Септември 2026
Министерот за култура и туризам, Седат Сулејмани, во рамките на својата официјална работна посета на Република Турција оствари низа значајни средби со високи турски државни функционери и посетуваше културни институции, со цел унапредување на билатералните односи и соработката во областите на културата, туризмот и заштитата на наследството.
Централната активност опфати билатерална средба со неговиот домаќин и колега, министерот за култура и туризам на Турција, Мехмет Нури Ерсој, на која во фокусот беа прашањата за туристичката промоција, соработката во рамките на УНЕСКО, функционирањето на Културно-информативните центри во Скопје и Истанбул, како и заштитата на културното наследство.
По завршувањето на разговорите, двајцата министри присуствуваа на отворањето на изложбата „Колекција на метални пари ковани во Скопје и Кратово (XIV–XVII век) – Патувањето на парите“, авторски подготвена од м-р Даниела Николова и поставена во престижниот Музеј на анадолските цивилизации во Анкара.
Во рамките на програмата, министерот Сулејмани ја посети и Националната библиотека во близина на Претседателскиот комплекс, каде што се запозна со организациската поставеност и современите услови што им се нудат на истражувачите и читателите.
Исто така, Сулејмани оствари и посебни средби со заменик-министерот за правда Седат Ајјилдиз и со заменик-министер за внатрешни работи Булент Туран, на кои беа разменети мислења за зајакнување на меѓуинституционалните врски и соработката од заемен интерес меѓу двете земји.
Фото извор: https://kultura.gov.mk/
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс













