Проектот „Охрид In Situ“ ќе ја претставува Македонија на 20. Интернационална изложба на архитектура во Венеција во 2027 година
- Детали
- Категорија: Култура
- Создадено: 30 Септември 2026
Проектот насловен „Охрид In Situ – архитектура, континуитет и мудрост на местото“, во продукција на Здружението на граѓани за поддршка и промоција на културата „Континео“ од Скопје, официјално е избран да ја претставува Република Македонија на јубилејната 20. Интернационална изложба на архитектура во Венеција во 2027 година, во организација на „La Biennale di Venezia“.
На конкурсот за национално претставување пристигна една пријава, која по евалуацијата од страна на стручната комисија во состав Огнен Марина, Мишко Ралев и Рилинд Селмани, доби потврда дека целосно ги исполнува условите и критериумите.
Според извештајот, проектот претставува концептуално јасен и теориски релевантен предлог кој се фокусира на исклучителните природни, културни и архитектонски вредности на Охрид, истражувајќи го градот како простор каде што низ вековите се преплетуваат природата, топографијата, градителските практики и секојдневниот живот.
Автори на победничкиот проект се Владимир Десков, д-р Ана Ивановска Дескова, д-р Јован Ивановски, д-р Харалд Трап и Симон Хартман, со соработниците д-р Теа Дамјановска, д-р Михајло Стојановски и м-р Зоран Петровски.
Куратор на поставката е д-р Јован Ивановски, додека комесар е Авни Ќаили, директор на НУ Музеј на современата уметност – Скопје.
Посебен акцент во истражувањето е ставен на регионалниот модернизам од втората половина на 20 век и начинот на кој македонските архитекти го реинтерпретирале наследеното просторно искуство, правејќи директна врска со главната тема на овогодишните куратори на биеналето, Ванг Шу и Лу Венју – „Создавај архитектура – за можноста за соживот во соочување со реалноста“.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс













