Скопје вечерва и утре се буди со „Бела ноќ“: Богата културно-забавна програма, бесплатни автобуси и влез во Зоолошката градина

Скопје утре, 3 октомври, ќе биде центар на културата и забавата како домаќин на јубилејното 22. издание на традиционалната манифестација „Бела ноќ“.

 

Image 1 of 2

 

Граѓаните и гостите на главниот град ќе имаат можност да уживаат во богата програма која опфаќа концерти, ликовни изложби, театарски претстави, диџејски настапи и содржини за најмладите, распоредени на бројни култни локации низ градот.

 

Централните случувања ќе се одржат на плоштадот „Мајка Тереза“, пред Македонската опера и балет (МОБ), со почеток во 18:00 часот, каде манифестацијата ќе започне со омилениот детски фестивал „Поточиња“.

 

Програмата потоа продолжува со настапи на диџеј Боно, „Допамин бенд“ и популарниот Игор Џамбазов во придружба на „Гуру Харе бенд“, додека во раните утрински часови, сè до 03:00 часот по полноќ, за добрата атмосфера ќе се грижат диџеј Тами и диџеј Тошев.

 

Покрај централната бина, културни настани и перформанси ќе се одвиваат и на Боемската улица, во Младинскиот културен центар (МКЦ), Чифте амам, „Мала станица“, Музејот на современата уметност, Археолошкиот музеј и други значајни културни простори.

 

Во организација на ЈУ „Универзална сала“ и Град Скопје, ова издание носи и посебни погодности за граѓаните – Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) Скопје ќе обезбеди бесплатен јавен превоз за сите патници со почеток од 18:00 часот, а во текот на денот обезбеден е и бесплатен влез во Скопската зоолошка градина.

 

Фото: Министерство за култура и туризам





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM НЕТ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.