Историски успех за македонскиот параглајдинг: Репрезентацијата е вицешампион на Европското првенство во Крушево, злато за Ана Бергер
- Детали
- Категорија: Спорт
- Создадено: 17 Септември 2026
Министерот за спорт, Борко Ристовски, оствари средба со македонската параглајдинг репрезентација која го освои второто место на Европското првенство во Крушево, каде Ана Бергер се стекна со златен медал во конкуренција на 130 натпреварувачи од 30 земји.
Круна на настапот на домашна сцена беа двете значајни медали – златниот медал за Ана Бергер во женска конкуренција и екипното сребро кое го изборија репрезентативците Дарко Станковски, Мартин Јованоски, Ѓорги Ристовски, Глигор Зафиров, Александар Гацевски, Благоја Гроздановски и Јован Северов, кој обезбедуваше поддршка од земја.
Министерот Ристовски им го честиташе успехот на параглајдеристите, истакнувајќи дека ваквите резултати се јасна потврда за квалитетот, трудот и континуираниот напредок.
„Зад овој успех стојат огромен труд, знаење, посветеност и тимски дух. Како Министерство за спорт продолжуваме да ги поддржуваме македонските спортисти кои со своите резултати го подигнуваат македонското знаме на најголемите спортски сцени“, порача Ристовски.
Овој резултат во Крушево претставува директно продолжение на континуираниот подем на македонскиот параглајдинг, откако во 2022 година на Европското првенство во Србија, Македонија го освои четвртото место, а во 2023 година беше трета на Светското првенство во Франција.
Високиот рејтинг на македонските спортисти се потврдува и со фактот што Дарко Станковски и Мартин Јованоски моментално се наоѓаат на третото и четвртото место на светската ранг-листа, додека Европското првенство ја зацврсти позицијата на Крушево како врвна дестинација за организација на големи меѓународни спортски настани.
Фото извор: https://ms.gov.mk/
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс













