Историски успех за македонскиот бокс: Министерот Борко Ристовски го пречека освојувачот на европска бронза Ален Рустемовски
- Детали
- Категорија: Спорт
- Создадено: 28 Септември 2026
Министерот за спорт, Борко Ристовски, оствари средба со македонскиот боксер Ален Рустемовски, на која му честиташе за постигнатиот историски успех и освоениот бронзен медал на Европското сениорско првенство во Софија, Бугарија.
Со остварени три последователни победи во категоријата до 60 килограми, Рустемовски го обезбеди првиот европски медал во сениорски бокс за Македонија по 2008 година, кога бронза освои Вели Мумин на Европското првенство во Ливерпул.
Овој резултат претставува второ големо меѓународно признание за младиот боксер во период од неполн месец, по неодамна освоената бронза на Медитеранските игри во Таранто, Италија.
Согласно Правилникот за категоризација на спортистите, со освоениот медал на европската сцена Рустемовски се стекнува со статус на „Спортист од светска категорија“, што му овозможува државен паричен надомест во висина од две просечни плати во период од четири години, како и право на идни Национални спортски признанија по навршување на 40-годишна возраст.
Министерот Ристовски ја нагласи важноста од континуираната институционална поддршка за врвните спортови, истакнувајќи дека Рустемовски со својата дисциплина и карактер докажал дека македонските спортисти поседуваат капацитет за најголемите светски сцена.
Со освоените 300 рејтинг поени во рамките на Ворлд бокс (World Boxing), македонскиот боксер се наметнува и како сериозен кандидат за учество на Олимписките игри во Лос Анџелес 2028 година.
Фото извор: https://ms.gov.mk/
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс













