Хаг ги осуди четворицата поранешни водачи на ОВК: Тачи и Красниќи по 25 години затвор

Специјализираниот суд во Хаг денеска ја изрече првостепената пресуда за четворицата поранешни високи функционери на Ослободителната војска на Косово – Хашим Тачи, Кадри Весељи, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи.

Тачи е осуден на 25 години затвор, Красниќи на 25 години, Весељи на 18 години, додека Селими доби 13 години затвор. Со тоа, вкупните казни за четворицата изнесуваат 81 година затвор. Во изречените казни е засметано и времето што досега го поминале во притвор.

Судскиот совет ги прогласи за виновни за воени злосторства поврзани со незаконско и произволно лишување од слобода, сурово постапување, мачење и убиства. Во пресудата се наведува дека злосторствата опфатиле 385 незаконски лишени од слобода, 303 жртви на мачење, 49 жртви на сурово постапување и 96 незаконски убиени лица.

Во исто време, судот ги ослободи од обвиненијата за злосторства против човештвото, оценувајќи дека обвинителството не успеало да го докаже потребниот елемент на широко распространет или систематски напад врз цивилното население. Пресудата е првостепена и страните имаат право на жалба.

Случајот во Хаг се однесува на периодот на војната во Косово од 1998 до 1999 година. Постапката против Тачи, Весељи, Селими и Красниќи започна со нивното префрлање во притвор во Хаг во ноември 2020 година, додека судењето започна во април 2023 година. Во текот на процесот биле сослушани 134 сведоци, а доказната постапка завршила во декември 2025 година.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM НЕТ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.