Министерот Серафимовски на саемот во Куманово: Поддршка за органското производство и современите технологии во земјоделството
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 02 Октомври 2026
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски, денеска во Куманово ги отвори деветтиот Меѓународен саем на органски и традиционални производи „Органска трпеза 2026“ и петтиот Меѓународен саем за земјоделство, технологии, храна и преработки „АгроМак 2026“.
На манифестацијата, која обедини бројни домашни и странски производители и изложувачи во организација на здружението „Живот“, Комората на органски производители на Македонија и Општина Куманово, беше истакната важноста од развојот на органското земјоделство како економска гранка со висока додадена вредност.
Во своето обраќање, министерот Серафимовски нагласи дека органското производство претставува современ, прецизен и строго контролиран систем кој бара посветеност, знаење и вистинска грижа за животната средина и здравјето на граѓаните.
Тој порача дека трудот на производителите мора да биде соодветно валоризиран и заштитен од нелојална конкуренција и лажно декларирани производи, поради што министерските политики остануваат насочени кон заострување на контролите, сигурна сертификација и гаранција за квалитетот.
Серафимовски се осврна и на важноста од примена на современи технологии, нова механизација, дигитални решенија и системи за прецизно наводнување, кои им овозможуваат на земјоделците рационално управување со ресурсите и подобрен пласман на пазарот.
Манифестацијата продолжува да служи како значајна регионална платформа за промоција на домашните потенцијали и соработка во агросекторот.
Фото: https://www.mzsv.gov.mk/
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс



















