Јубилејно 50. издание на меморијалот „Бранко Хаџииљоски – Чајка“ во Тетово
- Детали
- Категорија: Спорт
- Создадено: 06 Октомври 2026
Со прес-конференција во Министерството за спорт беше најавено јубилејното 50. издание на еден од најдолговечните спортски настани во земјава – меморијалниот одбојкарски турнир „Бранко Хаџииљоски – Чајка“.
Годинашното јубилејно издание носи значајна новина бидејќи турнирот официјално прераснува во Супер куп на Македонија, кој традиционално ќе се одржува секоја година пред почетокот на новата сезона.
Настанот ќе се одржи утре, 7 октомври, во спортската сала на ДСЕУ „8. Септември“ во Тетово, во организација на семејството Хаџииљоски и Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ), со генерална поддршка од Министерството за спорт.
Министерот за спорт Борко Ристовски нагласи дека организирањето ваков традиционален турнир во тек на половина век претставува импозантна бројка и доказ за врвна посветеност кон развојот на одбојката.
За време на средбата со медиумите, на министерот му беше доделена и специјална благодарница за неговиот придонес и поддршката што институциите ја даваат на македонскиот спорт.
Потпретседателот на ОФМ и син на легендарниот Чајка, Ивица Хаџииљоски, изрази огромно задоволство што јубилејот се враќа во Тетово – местото каде што изворно започна оваа спортска традиција.
Претседателот на ОФМ, Петар Јовановски, додаде дека федерацијата се гордее со константноста на овој настан, кој низ децениите бил отскочна даска за бројни домашни и светски одбојкарски имиња.
Спортската програма во Тетово започнува во 17:00 часот со машкиот Супер куп натпревар меѓу освојувачот на двојната круна, Штип УГД, и финалистот ГОК Борец, додека во 19:30 часот е закажан женскиот дуел помеѓу шампионот Работнички Скопје и победникот на Купот за 2026 година, ЖОК Вардар ЕМ.
Влезот за сите љубители на спортот и одбојката е слободен.
Фото: https://ms.gov.mk/
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс



















