Божиновска во Белград: Македонија и Србија се вклучуваат во Вертикалниот гасен коридор, следи изградба на нови интерконекции

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска во Белград учествуваше на вториот состанок на министрите за енергетика на Македонија, Србија, Грција и Бугарија.

 

Главни акценти на состанокот беа регионалната енергетска соработка, зајакнувањето на сигурноста во снабдувањето и развојот на клучна гасна инфраструктура, при што официјално беше поздравено вклучувањето на Македонија и Србија во „Вертикалниот гасен коридор“.

 

На средбата беа утврдени динамиките за гасното поврзување, според кои грчкиот дел од интерконекцијата се очекува да биде готов до крајот на 2026 година, додека македонскиот дел во 2027 година, а забрзано започнува и поставувањето на цевководите на српската делница.

 

Овие проекти ѝ овозможуваат на земјата нов правец за снабдување со течен природен гас (ЛНГ) од терминалот во Александруполис.

 

Покрај гасификацијата, министрите разговараа за подготвеноста на електропреносните системи за претстојната зима, интеграцијата на пазарите со ЕУ, развојот на обновливите извори, батериските системи, како и за потенцијалниот транспорт на нафтени деривати по трасата Солун–Скопје–Ниш.

 

По завршувањето на мултилатералните разговори, македонската делегација продолжува со работна посета и билатерална средба со бугарската министерка за енергетика, Ива Петрова.

 

Фото: https://energy.gov.mk/





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM НЕТ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.